le piaf

AUDIATUR ET ALTERA PARS!

My Photo
Name:

A words trier, a stormy sea sailor, a jazz lover, a painting admirer, a poetry parser, a gig addict, a scent seeker, a harmony balancer. Or perhaps, a philanthropy practitioner, a knowledge seeker, a common grounds searcher, a truth resolver. Otherwise, tiny and frail creature who lives in deeds, not years. In thoughts, not breaths. In feelings, not in figures on a dial. And who also counts time by heartthrobs. Because most lives who thinks most, feels the noblest, acts the best.

Friday, July 28, 2006

MY TOP 5 LOVE SONGS


1. Bryan Ferry - Falling in Love Again

2. The Smiths - Unloveable

3. The Cure - Love Song

4. Joy Division - Love Will Tear us Apart

5. Soft Cell - Tainted Love

Wednesday, July 12, 2006

ПОРАКА

до Блогер от
додека не сопреш да компарираш чии демони се пострашни
додека не почнам да те нервирам
додека не направиш малку место
во твојот простор за моето име
додека не престанеш да се криеш себе
од себе си
додека не научиш дека срамот од
сопствениот идентитет е грев
додека не те убијат прејаките зборови
и додека не сфатиш дека своето бегство е твојот најголем пораз
јас ќе бидам во Охрид

Monday, July 10, 2006

НАЈСКАП(ОЦЕН)ИОТ ПОРТРЕТ НА СВЕТОТ

Минатата недела во една малечка њујоршка галерија, на аукција е продадено најскапото парче уметност на сите времиња. ’Портретот на Адела Блох-Бауер I’ од Густав Климт достигна вртоглава цена од 135 милиони долари. Вреди ли, навистина, толку?

Секако дека вреди, би ви потврдил Роналд С. Лодер, бивш Американски амбасадор во Австрија, козметички тајкун (сопственик на компанијата Еstee` Lauder), милијардер и основач на Museum Neue Galerie во Њујорк, кој ’Портретот на Адела’ го купил од нејзината внука. Но, и секако дека вредноста на сликата не е таква, каква што е, заради нејзините луксузни атрибути. А, ги има повеќе. Прво, инспириран од спојувањето на Јапонскиот лак и Византиските мозаици, синот на граверот со скапоцени материјали, Густав Климт, нанел цели слоеви златни и сребрени ливчиња на добар дел од платното. Резултатот е толку успешен, што имате чувство дека главата и рацете на бароницата Адела лебдат во потполно артифициелен свет и нестварен простор. Целиот ефект на гламур е зголемен со егзотични симболи и извивања, кои Климт ги позајмил од Египетската уметност и ги вткајал во раскошниот, каскаден фустан на Адела. Второ, сликата портретира проминентен лик од виенската богата, индустриска елита, која имала за цел да го прикаже нејзиниот скап шарм. Благороднички како Адела Блох-Бауер се собирале во елегантното студио на Климт, декорирано со Wienerwerkstatte мебел и плаќале големи суми за вниманието на Маестрото, за да потоа го изложат финалниот резултат во интимноста на своите спални соби, како совршен амблем на нивната имотност. И трето, платното ја потврдува промената на векот (насликано е во 1907 година) и виенското убедување дека сексот е пристојна провинција на богатите и култивираните. Во Климтовите волуминозни, згужвани и страстни бакнувања, во сопствениот авто-портрет во форма на гениталија, под силното Фројдовско туторство, се навестуваше првиот ’секси’ уметник на кој не му пречеа озборувањата за љубовните афери и ’интелектуални пријателства’ со своите патронки.

Семејството на Блох-Бауерови, како и на Климтови, имале еврејско потекло, па така, заедно со оваа слика украдени се уште четири ремек-дела на Климт од страна Нацистите за време на Втората Светска Војна, а, многу години подоцна таа конечно го наоѓа својот пат до Виенскиот Belvedere Museum и станува предмет на жестока битка околу нејзината сопственост помеѓу Австриската влада и наследниците на Адела Блох-Бауер.

Но, ова се (само) техничките, физичките и социјално-општествените карактеристики на најскапата уметност на светот. Каде ли да се побараат и пронајдат оние задскриените, метафоричните, духовните вредности на делото? Сигурно не во (буквално) златните нишки од нејзината тоалета, ниту во нејзиниот материјален статус. Но, сигурно да во потписот на големиот Густав Климт и целиот ’товар’ што со себе го носи неговото име. Инвентивност, сензуалност, имагинативност, колоритност, натуралност, спонтаност, транслуцентност, мозаичност, декоративност, префинетост... се првите асоцијации кои би се закачиле за сликарството на Климт. Најрепрезентативниот претставник на Jugendstil-от и најекспонираната фигура на виенското Art Nouveau движење со соединувањето на стилизирани форми и надприродни колорити, се чини успеа да создаде најсугестивен уметнички израз некогаш почувствуван. Сликајќи големи орнаментални украсни ленти на алегорични сцени, бајковидни птици и животни, орнаментални и цветни мотиви, мистични вртлози, свети божества, калеидоскопи од блескави бои, агресивни голотии... Густав Климт го пронајде директниот пат до тајните на потсвеста и лавиринтите на умот. Како портретирач на Жената, добро-ситуираната, вљубената, па, и фаталната жена, австрискиот симболист ја смести сексуалноста како примарен животен принцип и ја нагласи како клучен аспект за човековото постоење. И заради сето ова, тука некаде и треба да се насети вистинската вредност на Аделиниот портрет. Најистакнато помеѓу ретките ’златни’ дела на Климт, платното едноставно го заробува својот елегантен и интелегентен субјект како идеал за женската убавина. И прикажува парче од еден невидлив град, од една одамна исчезната Виена. А, најмногу од се` манифестира љубов, иако не е тоа среќно славење на љубовта, туку, трагично, ничеовско потврдување на нејзината ирационалност, на која никој од нас не умее да и` одолее.

Ама, сепак, вреди.

*Ова е мојот нов текст за Форум. Не дека не може да се прочита во самиот магазин или за некој ден на неговиот сајт, ама, некако ми беше мерак да го ставам на блог, само и само заради (мојата огромна почит кон) Климт.

Saturday, July 08, 2006

BLUE POST

Ќе побарав понекогаш во првите срамежливи средовечни брчки што ги врамуваа(т) твоите ледено-плави ириси
понекое прашање за љубовта и тешкотиите
Ќе ги оставев да се исплачат долго и ќе пронајдев во одмолчувањето простор за одговор
Ќе видев зрак на ѕидот и ќе го поистоветував со тебе, а ликот ќе го идентификував со мојата душа
И ќе ми беше тоа некако доволно.
Kога еден ден ќе треба да (си) кажам нешто мудро за љубовта
Ќе ги затворам очите, ќе си ја приспомнам собата и се` во неа:
Mиризбите на mozzarella, зачин и бол, нотите на Тиренските бранови, лошата констелација на нештата,
лажливата азурна перфекција, моето отуѓено тело, твоите проседи коси и брада, светилките на(д) Соренто на изумирање.
Ама, попусто... попусто.
Moите мачни издишувања сега се песната,
твоите заборавени предмети - плачот.

Некогаш ова имаше некоја врска со љубовта.
Еднаш ова беше поврз(ув)ано со смртта.

Tuesday, July 04, 2006

ИНСТАЛАЦИЈА


Никогаш не го сакав очигледното,
туку само еден мал агол од светот
со мека светлост, блага клима и здела сочни портокали.
Еднаш, на поминување, ми рече дека соновите се само одредено-позиционирани инсталации.
Машините на грлото брујат и oколните структури грижливо се нотирани.
Заминувањето на аудиториумот
се исчекува жедно.
Документот е запечатен
и треба да биде испорачан.
Ти ме учеше како да се инсталира сонот
во спиењето на љубовниците од проспектите.
Беше тоа рана со многу дупки.
Имињата ми беа непознати.
Но тие беа јасно напишани на лист.
Листот беше, јасно, од некакво значење во мојот живот
и мојот живот беше јасен во своето постоење
и постоењето беше вон општиот контекст
и контекстот беше значел да биде реален
но се` повеќе и повеќе реалноста станува(ше) фобија
што ме остава(ше) закопана и затворена од прагот.

Те молам, остани на (твојата) безбедна дистанца.

Saturday, July 01, 2006

JAHA


- Ти си мое Сонце.
- Зошто?
- Затоа што ако не дојдеше денес, немаше да се раздени.

- И... ти си мое златно рипче.
- А, зошто?
- Бидејќи кога си тука, нема(м) други желби. Освен да си тука, малечка.
- Ама, знаеш дека ти си и моја ѕвездичка, нели?
- Ама, зошто?
- За да имам што да гледам на небото кога ќе си одиш дома.