le piaf

AUDIATUR ET ALTERA PARS!

My Photo
Name:

A words trier, a stormy sea sailor, a jazz lover, a painting admirer, a poetry parser, a gig addict, a scent seeker, a harmony balancer. Or perhaps, a philanthropy practitioner, a knowledge seeker, a common grounds searcher, a truth resolver. Otherwise, tiny and frail creature who lives in deeds, not years. In thoughts, not breaths. In feelings, not in figures on a dial. And who also counts time by heartthrobs. Because most lives who thinks most, feels the noblest, acts the best.

Sunday, December 14, 2008

ЗАД ЛИНИИТЕ И БОИТЕ

Зошто секогаш кога ќе се спомне името на Модиљани или кога ќе видам некој од неговите портрети ми навираат длабоки и сентиментални емоции? Можеби делумно заради неговата тажна, болна и кратка животна приказна и симпатични карактерни црти: тој е прототипот за згоден, промискуитетен, бунтовен, порочен, неразбран, страстен, трагично болен, пијан, (о)сиромашен, ранлив, вљублив, нежен и талентиран егземплар на вистински боем (кој, патем мошне автентично го одигра и мојот најшармантен актер Енди Гарсиа во истоимениот филм). Кога би се обидела да ја тргнам настрана оваа накинџурена и неодолива литанија закачена за развратната биографија на сликарскиот мит наречен Модиљани, сигурно би го доживувала многу слично или веројатно исто заради неговата ликвидна, питома, убава, лесно опивлива, оригинална уметност која припаѓа на деликатниот (апстрактен) модернизам. Она што отсекогаш ме спрепнува(ше) и запира(ше) кај неа е вродениот сензибилитет со кој се дисторзирани лицата, фигурите и телата, дрските бои и огромните графички форми со богата текстура и изместената геометрија што и` пркоси на гравитацијата и го искривува аголот на нормалата. Но, може ли воопшто живототната траекторија спокојно, непристрасно и ладно да се одвои од творечката? Не може, секако. Особено не на артист со персоналитет од ваков калибар. И токму затоа е и мошне тешко да се знае како и од каде да се почне сторија за една легендарна фигура како Модиљани чија постхумна еуфорија достигнува огромни димензии. Кога не бил со својата кутија хашишни пилули или шишето апсент, тогаш бил со своите скици што брзопотезно ги правел и им ги продавал на минувачите за да си обезбеди по некој оброк и чаша вино или танцувал гол со некоја слободна жена во ситните саати или предизвикувал тепачки или крадел камења од напуштените згради за своите скулптури бидејќи не можел да си дозволи да ги купи. Сепак, и покрај сите овие привлечни пикантерии, популарноста на Модиљани цврсто почива на неговата топла и надарена уметност.

Тогашната репутација на смел заводник и издрогиран расипник годините ја исфилтрирале толку многу што Модиљани сега ужива статус на меланхоличен ангел што накратко се симнал на земјата, помеѓу тогашните сликарски мајстори (од типот на Пикасо, Реноар, Матис, Дега и Гоген) за да им ги посочи вистинските координати на дејствување, за да им ги покаже правите манири на однесување и секако, за да ги наслика најубавите портрети на 20-от век. И навистина, црномурестиот италијански евреин и потомок на Спиноза се појавил од родното и мирно медитеранско пристаниште Ливорно во бучниот артистички Париз како двоен аутсајдер (“Јас сум Модиљани, Евреин.“, му бил начинот со кој обично се претставувал), но, солидно филозофски образован, книжевно поткован, анархистички настроен и сликарски истрениран. Во градот чија небесна платформа била железничка станица за истоварување на боемските судбини и втоварување во милоста на патроните, гордиот кицош не се приклонил кон ниту еден уметнички правец, ни личност, туку создавал автентична интерпретација на своите внатрешни сетила и надворешно опкружување. На почетокот на животот во “крстосницата на анксиозности“ збунетиот студент сликал мисловни, старомодни портрети на отпадни ликови во бледи и безлични бои, со напатени гримаси, за да потоа еден период се посвети на скулпторството (Модиљани секогаш се сметал себе си повеќе скулптор отколку сликар, благодарение на неговиот пријател и тутор, генијалниот Бранкузи). Па, она што следува (откако го совладал курсот за преживување во џунглата на опасни суети) се фино изделкани глави, возвишено сталожени и самоуверени со ненаметлива аура на тотеми (влијание од примитивната африканска уметност). Модиљани дестилирал различни старински идиоми во линеарна геометрија на зашилени карактеристики и чисти форми: овали, полумесечини и кругови, носови и веѓи што го формираат типично насрденото Y. Речиси фетишистички едноставни, овие скулптури како да имаат флуид на спиритуалност што никако не сугерира грабање (читај: крадење) на западните уметници на незападен материјал, туку сензитивност на оригиналните симболични и духовни функции на неговите извори. Вистински зрелиот сликарски стил на Моди (парискиот прекар, игра на зборови со неговото презиме и францускиот збор maudit, проколнат) доаѓа после скулпторскиот и се состои од минимизирани, косооки и долголиниски арабески кои опишуваат лице што има функција на маска. Тој, исто така, сликал и каријатиди, имагинативни архитектонски столбови од развратни жени апстрахирани во кружници кои се извиваат кон небото. Повторно, алузија на спиритуалноста.

Амедео Модиљани, се чини, сам ја одбрал за себе улогата на отпадник, одбивајќи да и` се повини на тезата дека се` што прават уметниците треба да биде ненормално и чудно. Тој барал сопствен визуелен јазик што ќе го изрази конфликтот помеѓу асимилацијата и разликата: неговите антички и неевропски конотации навестуваат културна дислокација. А, маската во овој случај е силна социјална метафора. Прогресивниот сликар во своите платна измислил општ деноминатор на формите што е доволен и како карикатура и како симбол и сосема е јасно дека тој се борел со нешто друго покрај формалната среќа и смиреност на издолжените лица.

Кој знае каде и колку далеку би отишол Модиљани да живеел подолго? Тој починал од туберкулозен менингитис на само 35 години. Следниот ден Жана Ебитерн, мајката на нивната ќеркичка и нероденото бебе се самоубива, фрлајќи се од прозорот на неговото атеље. И испаѓа дека на крајот Модиљани не одговарал баш на боемскиот мит завиткан околу неговото име. Тој не можел да биде никој друг, освен – самиот себе.