le piaf

AUDIATUR ET ALTERA PARS!

My Photo
Name:

A words trier, a stormy sea sailor, a jazz lover, a painting admirer, a poetry parser, a gig addict, a scent seeker, a harmony balancer. Or perhaps, a philanthropy practitioner, a knowledge seeker, a common grounds searcher, a truth resolver. Otherwise, tiny and frail creature who lives in deeds, not years. In thoughts, not breaths. In feelings, not in figures on a dial. And who also counts time by heartthrobs. Because most lives who thinks most, feels the noblest, acts the best.

Thursday, September 29, 2011

MORE THAN ROXY MUSIC

Овој текст не претендира да биде некаков стручен осврт на Охридскиот концерт на Рокси Мјузик. Причината е едноставна: никако не би бил објективен. Ова е (само) еден емотивен и субјективен запис за тоа како јас ги доживеав вокалот и појавата на мојот бескрајно драг Брајан ФериДенот беше (не)вообичаено тензичен. Времето променливо: сонце, ветар, облаци, дожд и сите можни нивни комбинации. Во Охрид сум често, и без повод (некако варошот и неговите води ми се повод сами за себе), но, овојпат, и тие, и јас, неколку дена живееа во екстатичниот ритам на возбудливиот настан во на(го)вестување. Стилот и супстанцата се навистина ретки компањони, но, понекогаш имаат можност (иако, логистиката к`о за инат им оди во контра) да одат заедно. Сублимираниот резултат тежнее кон вистинска алхемија. Па, нека таа се случува и во тотално несоодветната спортска сала (наместо во Античкиот Театар), нека добар дел од аудиториумот не знае точно зошто се нашол таму и нека и акустиката и естетика на просторот е очајно лоша. Во ваква неблагодарна констелација на нештата, мрачната и густа текстура на ноќта не ми дозволува(ше) да видам ниту една ѕвезда на хоризонтот. Се` додека (веќе баналното, некултурно и здодевно доцнење, сместување и поздравување на чудните, наконтени скопски фаци, локални музичари, политичари, бизнисмени, свештеници и охридски дилбери, нагло не го прекина моќниот звук на Рокси Мјузик и) после неколку секунди откако тие излегоа на сцена, на неколку метра од мене, од не знам-каде, сосема дискретно, се појави тој и се смести зад клавијатурите (наместо зад концертното пијано). Јас, (помалку?) се збунив: толку долго и нетрпеливо го очекував, а, повторно го дочекав неподготвено. Кога подоцна направив мала себе-анализа, сфатив дека, всушност, и не може да биде поинаку. Никогаш.


Брајан Фери, човекот спроти мене, беше мојот јунак во чувствителните години на адолесценција. Но, не заради неговиот исклучително стасит физикус и убав лик, ниту заради софистираниот имиџ на Нарцис и Казанова заедно и сопствената високо-осмислена визуелна себе-презентација (складно спакувана мешавина од висока мода, кич и комерцијалност) па, дури ни заради симпатичната британска надменост која совршено му прилега, можеби помалку да заради прекрасната, минималистичка лирика што секогаш е во перфектна хармонија со неговиот уникатен, кадифен, секси баритон и рафинираната, воздржана и контемплативна инструментална подлога, но, најповеќе заради атакот од гламур (и сите негови вистински атрибути) што тој во раните осумдесетти бескомпромисно го внесе во рок-ен-ролот и така, комплетно го промени општиот начин на перцепција и неговиот концепт од некакво парталаво, јувенално, слабникаво, не многу-дефинирано и не многу-прецизирано глобално движење во многу квалитетна, сериозна, артикулирана, издиференцирана, стилска и уметничка форма (од што произлегоа термините глам-рок, арт-рок и колеџ-рок) и силно влијаеше на развојот на многу панк и електронски бендови, а, со тоа и на глобалните музички текови.


Средовечниот (и сеуште и тоа како) згоден денди во црн костум, бела кошула и црна вратоврска што толку ноншалантно се придвижи кон микрофонот и исто толку лесно (и тивко) ги потпевна првите меланхолични тонови, како да ја распосла својата (уморна) душа преку стиховите и нотите до секој од присутните. (Ми) се чини малкумина го разбраа. Луѓето сакаа(т) да се забавуваат на неговите добро-познати хитови (бидејќи единствено тие и ги чуле!). Брајан Фери брзо (ги) разб(и)ра и ја прекинува `не(до)разбраната` атмосфера. И почнува да прави журка. По очекуваната и целосно оправдана сонична проблематичност (на стартот толку се мешаа вокалите, бас-гитарите и тапаните, што ми стануваше непријатно), само со неколку жестоки и само нему својствени движења, стариот, добар шармер воспостави флуид со некомпактната, ненаштимана и неука публика и го доби првиот каков-таков фидбек. Со ‘Oh yeah’ ја разби нејзината статичност и потоа, се` одеше полесно, за да конечно по серијата ‘Avalon’, ‘Love is the drug’, ‘More than this’, ‘Jealous guy’… таа профункционира хомогено и изреагира соодветно. На моменти снажен и енергичен, на моменти слаб и кршлив, 60 годишниот тешко објаснив патувач низ времето (и неговата стандарда посада: Енди Мекеј – саксофон и обоа, Пол Томсон – тапани и Фил Манзанера – гитара), кој го затвори минатиот и отвори новиот милениум, како да не бараше двеилјадната толпа да му `додели` некоја друга роља во претставата, освен вообичаената, стандардна улога на пејач на сентиментални рок балади. Следствено, така и се однесуваше кон неа: коректно, професионално и љубезно. Можеби токму затоа сум и индиферентна кон негативните, малициозни и зајадливи коментари што ги изнаслушав и изначитав пост-фестум. `Имале ли овие тонска проба пред концерт?`, `Досадно, џабе дојдовме!`, `Старциве зарибале пред едно дваесет години.`, `Ех, да беше во Античкиот театар...`.


Да, Рокси Мјузик имаа тонска проба, но, едноставно – немаа алтернатива! Исто како и момците од `Авалон Продукција`, мојот длабок респект кон нив и честитки за нивниот јубилеј! И `старците` воопшто не `зарибале`, баш напротив, на својата ‘Reunion Tour’ свиреа толку потентно, ентузиастички и жарко, колку и во најславните денови! На оние господа на кои им било здодевно, искрено ги жалам! (И навистина немам овде простор да се занимавам со нив, ниту да ги советувам што мора да пре/слушаат од импресивната дискографија на Брајан Фери и Рокси Мјузик) А, на оние што им недостасувал `амбиент`, тие едноставно – не го знаат значењето на зборот `гламур`. А, Брајан Фери и неговата десетчлена екипа толку експлицитно (им) го објаснија.

РИБАР - ЛЕТАЧ - МАЖ

Не одам често на отворање на изложби. Напротив, неретко намерно ги одбегнувам премиерите заради тоа што на нив е ужасно тешко да се улови смислата (ако воопшто и ја има) на изложеното, и проклето лесно да се посегне по бесмислата. Сепак, тој ден го одживеав во ритам на возбудливиот хепенинг во на(го)вестување. Бидејќи, Мирослав Масин е настан сам за себе. 

Амбалажата и содржината се мошне ретки компањони, но, понекогаш се случува (иако, логистиката к`о за инает им оди во контра) да се во складност. Сублимираната импресија тежнее кон вистинска лична алхемија. Иако таа се случува и во тотално несоодветен простор и иако публикумот не знае точно зошто се нашол таму. Во таква неблагодарна констелација на нештата, мрачната и густа текстура на ноќта не ми најавува(ше) ниту една ѕвезда на хоризонтот. Сѐ додека од не знам-каде, сосема дискретно, не се појави тој, мајсторот на платната. 
А тие, платната, иако не можев ни да ги видам доволно добро и пристојно блиску од истите особи кои доаѓаат да ги голтаат истите позиции, фалби и пијачки, можев само фино да ги насетам. Од дистанца. Но, тоа е, се чини, цената што мора да се плати. Тоа е тој блесок на крајот од долгиот и темен тунел. Затоа што сликарот мора да биде сам додека слика, исто онака како што мора да слика за да ја издржи осаменоста. Или, добриот сликар е како лош љубовник кој ја заведува својата публика. И иако ја мами користејќи ја вистината (читај: природата), тој никогаш не им ја дава на набљудувачите пр(а)вата верзија на својата приказна.

Сликањето е, општопознато, мачен процес на постојано досликување, бришење, разместување... за да на крајот се добијат слики кои или ги менувате додека ги гледате, или кои ве менуваат откако ќе ги погледате.

Овие второ-класифицираните, во кои, неспорно, спаѓаат и сликите на Масин, се прилично раритетни низ нашите тесни галериски, јавни, приватни, духовни, суетни и какви-сѐ-не ходници, а нивниот автор е прилично фрекфентен и широк низ локалните “џепчиња“. Такви се заради нивната ликвидност, питомост, јасност, имагинативност, меланхоличност, опивливост, флуентност, транспарентност, чесност, веселост, проникливост и оригиналност. Најмногу, всушност, заради самиот Миро. 

Ама, не заради неговиот стасит физикус и убав лик, ниту лежерниот имиџ и сопствената (не)осмислена визуелна себе-презентација, па, дури ни заради симпатичната скопска надменост. Можеби да и заради прекрасната, минималистичка сликарска лирика што секогаш е во перфектна хармонија со рафинираната, воздржана и контемплативна подлога. Но, најповеќе заради атакот од сите вистински артистички атрибути што тој во раните деведесетти бескомпромисно ги внесе во конвенционалниот, млитав, инертен и таинствен македонски ликовен живот (Масин е прототипот за хуман, бунтовен, порочен, неразбран, страстен, ранлив, нежен и талентиран егземплар на вистински боем, бонвиван и бајкограф); и така, комплетно го смени општиот начин на перцепција и демистификација на националното сликарство. 

Она што отсекогаш ме спрепнува(ше) и запира(ше) кај неговиот естетски концепт, е, силната взаемна емоционална резонанца, вродениот сензибилитет, со кој вешто се дисторзирани ликовите, фигурите и телата, раскошната колоритноост и огромните графички облици со чудесна орнаментика, квалитетната, сериозна, артикулирана, издиференцирана стилска форма и изместената геометрија што ѝ пркоси на гравитацијата и го искривува аголот на нормалата, притоа создавајќи си своја, сопствена “нормала“.

Без никаков обид да се креира илузијата на псевдо длабочина, Масиновите нови, симплифицирани, линеарни, повеќе-телесни, биоморфни, хибридни форми на птици-риби-жени продолжија да летаат, пловат и левитираат низ етеричниот бескрај на белината на следното утро (која совршено се совпадна со белината на платната), дури повторно и повторно ги анализирав, овојпат низ компјутерските прозорчиња. Додека синоќа, на прв поглед, простодушната убавина на нестварните облици во волшебни бои ми делуваше спонтана, па дури и стохастична, реалноста на новиот ден ми (у)кажува дека во нив нема ниту еден случаен потег со четката/раката/прстот. Тоа е само долго акумулиран порив, желба, сон, императив, визија, машкост, копнеж, мисла, емпирија... или нивна мешавина која инстантно (или импулсивно, или експлозивно) се “истура“ врз нестрпливото платно. Без задршка, искрено и чисто. 

Таму сѐ е во идеална складност: и (навидум) наивниот минимализам, и нагласениот еротицизам, и афирмативниот натурализам. Нема ништо вишок, ништо не недостасува – сѐ е позиционирано перфектно. Иако насловот на циклусот алудира на некаква еволутивна градација, таа со намерна леснотија се ништи, разлева, трансформира, преплетува и фузира, само и само во име на толку посакуваната возвишена и универзална убавина. Кај актуелниот Миро Масин, едноставно, се чувствува дека сѐ ѝ е подредено нејзе: таа е толку присутна во одважната, а сепак, невина белост и пред и зад граничната линија, во конкретноста и апстракноста, внатре и надвор, во полнотијата и празнотијата, во и вон контекстот, така што станува квинтесенцијална. Како и, впрочем, сѐ друго од женски род.
Со секој нареден завршен сликарски опус, Масин затвора дебело поглавје од темелното, повеќегодишно себе-истражување и излегува од него естетски попрочистен, поредуциран, попрецизен, порафиниран, помудар. Сликарството на Масин (од неговите славни антропоморфни “Трансформации“, преку сензуалните “1000 Кisses“ и “La Vita E Belissima“, па сѐ до разголената, бела и шарена “Риба - Птица - Жена“) е микро свет во кој, мемориите, спротивностите и метафорите се во колизија. Во перманентна конфронтација меѓу чемерот, стравот и смртта и инстинктот за живот, љубов и секс, неговата уметност е триумфална и категорична афирмација на постоењето!